Застрелан руски амбасадор во Анкара, Турција

Руското Министерство за надворешни работи потврди дека рускиот амбасадор во Турција бил застрелан и „сериозно ранет“ откако вооружен маж упаднал во зграда каде што службеникот присуствувал на руска изложба на фотографии.


„Непознато лице отвори оган за време на јавен настан во Анкара. Како резултат на тоа, рускиот амбасадор во Турција се здоби со прострелна рана“, изјави за новинарите портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Според последните информации од руското МНР, Карлов сега се лекува на лице место и не е пренесен во локална болница, како што беше соопштено претходно.

Амбасадорот Андреј Карлов беше повреден откако требаше да одржи говор на отворањето на изложбата „Русија во очите на Турците“.

Фотографиите на кои наводно се гледа дека сторителот носи огнено оружје сега се повеќе кружат на социјалните мрежи. Корисниците објавуваат и слики за кои велат дека рускиот амбасадор лежи на земја откако бил застрелан.

Насилникот, кој носел костум и вратоврска, извикал „Алаху Акбар“ („Господ е голем“ на арапски) за време на нападот, јавува АП, цитирајќи го нивниот сопствен фотограф.

Напаѓачот исто така кажал неколку зборови на руски, според новинската агенција, и оштетил неколку од фотографиите на изложбата.

Турската телевизија НТВ јави дека во нападот врз амбасадорот биле повредени и уште три лица.

Напаѓачот е убиен од турските специјални сили, јавува турската новинска агенција Анадолу. Дека вооружениот напаѓач е неутрализиран потврдува и руски Интерфакс, повикувајќи се на извор од турската војска.

Весникот „Хуриет“, повикувајќи се на сопствен известувач, вели дека сторителот испукал и предупредувачки истрели во воздух пред да го нападне Карлов.

Според весникот, специјалните сили ја опколиле зградата во која се случи нападот и трагаат по вооружениот напаѓач.

Очевидци велат дека полицијата е вклучена во престрелка со напаѓачот.

Оставете коментар